Пејачката на поп групата Роксет Мари Фредриксон почина на 61 година по долго и тешко боледување.
Шведското дуо постигна глобален успех со низа хитови од крајот на 1980-ите и од почетокот на 1990-ите.
– Мари почина денеска по 17-годишна борба со ракот. Ти беше најпрекрасен пријател повеќе од 40 години. Ништо веќе нема да биде исто, изјави Пер Гесле, кој ја основа групата со Фредриксон во 1986 година.
Тие го издадоа првиот албум истата година, но светска слава им донесе албумот „Look Sharp“ од 1988 година.
Здравствените проблеми за Фредриксон почнаа во 2002 година кога ѝ беше дијагностициран тумор на мозокот. И покрај тоа, групата продолжи со работа и последниот албум го издаде во 2016 година.