Во вилата „Водно“ почна лидерската средба што ја свика претседателот Стево Пендаровски откако во петокот Европскиот совет не донесе одлука за почеток на пристапните преговори до земјава.

На средбата се присутни лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицковски, а од партиите на Албанците присуствуваат пвите луѓе на ДУИ, Али Ахмети, на БЕСА, Билал Касами, на Алијанса на Албанците, Зијадин Села и на Алтернатива, Африм Гаши. Во вила „Водно“ иако ненајавен пристигна и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Се очекува лидерите да разговараат за актуелната состојба по недонесувањето на одлука за датум за почеток на претпристапните преговори со ЕУ и за предлогот на премиерот Заев за одржување на брзо предвремени парламентарни избори.

Ваквиот предлог Заев го даде вчера во неговото обраќање пред јавноста истакнувајќи дека ЕУ направила историска грешка и оти народот е тој кој сега треба да одлучи по кој пат ќе продолжи државата да се движи.