Албанската опозициска Демократска партија одлучи да преземе екстремен чекор кој води кон длабока институционална криза, со откажување на пратеничките мандати.

Во изјавата за медиумите, демократскиот лидер Љуљзим Баша изјави дека пред парламентарната група предложил да се откажат од мандатите, во услови, во кои, според него, Парламентот е во рацете на криминалот.

-Одлучив да и предложам на парламентарната група и на највисоките партиски форуми да се откажеме од пратеничките мандати, за поддршка на целта и аспирацијата што вие вчера видовте дека е национална, европска и незапирлива: Одбрана на демократијата и владеењето на правото. Албанија, како и цела Европа. Преодна Влада и слободни и фер избори. Парламент на народот, а не на криминалот, изјави Баша.

Баша рече дека ја прочитал пораката што произлегла од протестите на граѓаните и додаде дека „вака не може да се продолжи“.

– Времето на зборови заврши. Ние нема да продолжиме да бидеме фасада на парламентот што произлегува од избори диктирани од организиран криминал. Вашата поддршка, посведочи вчера, доби форма на референдум за политичкото решение што го нуди опозицијата,порача Баша.

Најавата за напуштање на мандатите Баша ја соопшти по средбата со лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција, трета по големина партија во Албанија, Моника Круемади, која на Фејсбук потврд дека одлуката за откажување од пратеничките мандати е заедничка.

Таа напиша дека премиерот Еди Рама „сеуште ништо не видел“, додавајќи дека битката на опозицијата против „шефот на владата и криминалните банди кои го тероризраат животот на Албанците“ продолжува.

По вчерашниот масовен протест,опозицијата најави нов протест в четврток.

Инаку, во 140-члениот законодавен дом 74 пратеници имаат владејачките социјалисти со коалициските партнери, додека 66 се на опозицјата: 43 Демократската партија, 19 Социјалистичкото движење за интеграција,три Партијата за правда и единство (партија на Чамите) и Социјал демократската партија еден пратеник.