СЈО, МВР и судот се обвинуваат и ја бараат кај друг вината за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, од каде што тој вчера објави дека бара политички азил, поради прогон и закани по неговиот живот во Република Македонија.

– СЈО нема никаква вина за бегството на Груевски. Постојано укажуваме и поднесуваме барање за притвор, а судот одлучуваше, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова надлежна за предметот „Титаник“.

Вината за бегството на Груевски, обвинителката Стефанова ја гледа институционално.

– СЈО во целиот изминат период постојано апелираше, сугерираше и поднесуваше барања за притвор за осомничениот Никола Груевски и другите осомничени во предметот „Титаник“. Уште при првото поднесено барање за спроведување на истрага беа предложени мерки за притвор и истите беа одбиени. Кога го поднесовме обвинителниот акт поднесовме барање за определување мерка притвор и тогаш Кривичниот совет го одби таквото барање со наводи дека иако постои опасност од бегство, тоа може да го обезбедат со одземање на патната  исправа и јавување на обвинетите еднаш неделно. Во меѓувреме, Груевски побара јавувањето во Судот еднаш неделно да му биде заменето со јавување еднаш месечно по кое барање ние дадовме мислење дека треба да биде одбиено како неосновано, меѓутоа Советот на Судот го прифати неговото барање. Сите овие услови беа предиспозиција да се случи ова бегство, изјави Стефанова по денешното рочиште за „Титаник“.

Според неа, опасноста за бегство е сериозна во случај како „Титаник“ каде обвинетите се соочуваат со затворски казни од најмалку три, четири или пет години.

– Мислам дека претходно таа опасност не беше сериозно земена во обзир и се случи тоа што се случи, рече Стефанова.

Информациите што СЈО ги имало за бегството на Миле Јанакиевски и Кирил Божиновски се дадени на судот.

– Одредени информации не може да се споделат со јавноста бидејќи се оперативни, истакна Стефанова во одговорот на новинарските прашања какви информации имало СЈО за бегството на овие двајца обвинети.

Прашана зошто во предметот „Тенк“ во кој е донесена пресуда не бил побара притвор за Груевски, обвинителката Стефанова рече дека не може да даде коментар за предмет којшто не го водела.

Институциите меѓу себе си ја префрлаат вината за тоа што Груевски е веќе во Унгарија, каде вчера кажа дека бара политички азил, поради тортурата во Република Македонија.

И МВР и судот вчера кажаа дека „некој друг е виновен“ за овој случај. Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев изјави:

– Не може судот самоиницијативно да определува мерка притвор, тоа е секогаш по барање на Обвинителството. Во случајот „Тенк“ од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството во ниеден момент не е побарана мерка притвор за обвинетиот Груевски, изјави вчера Џолев.

Тој посочи дека двата пасоши на Никола Груевски и дипломатскиот и неговиот личен пасош се одземени и определена е мерката јавување во предметот „Титаник“, додека во предметот „Тенк“ нема никаков предлог ниту за обезбедување на некаков имот, ниту предлог за некакви си мерка за обезбедување негово присуство.

– МВР точно е дека постапува согласно наредбите и решенијата коишто ги носи Судот, меѓутоа не треба да заборавиме дека постапува и согласно наредби коишто се даваат од страна на Обвинителството, како и самоиницијативно кога станува збор за сузбивање на криминал или спречување еве во конкретниов случај некое лице без пасош да ја напушти нелегално државата доколку се воспостави дека такво нешто се случува, појасни Џолев.