Сосе најавените 100 вработувања во УЈП повеќе од 250 државни службеници ќе бидат вработени на почетокот од Новата година, односно во јануари.

Огласите за нивното вработување во повеќе институции, јавни претпријатија, агенции и општини веќе се објавени, а платите се движат и до 56.300 денари.

Овој нов турнус на полнење на чиновничкиот апарат предизвика реакции кај граѓаните, кои се сомневаат дека повторно се планираат партиски вработувања, за кои се трошат само пари, а од прекубројната администрацијата ионака нема корист.

Според огласите кои се објавени на сајтот на државната Агенција за администрација најмногу луѓе ќе бидат вработени во Управата за јавни приходи вкупно 100.

Фондот за здравствено осигурување вработува 33 службеници кои ќе работат во повеќето подрачните единици. 17 луѓе ќе се вработат во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците како помлади соработници. Ресорот надворешни работи бара 6 службеници, а труд и социјална политика 9 работници. Огласи за вработување имаат и министерствата за локална самоуправа и за одбрана. Вработува и владата, таа ќе прими 4 лица за работните позиции советници и референти во канцеларијата на премиерот.

Оглас за вработување има и Собранието, кое има потреба од 22 службеника, меѓу кои и еден архитект.

Вработување ќе има и во Државниот пазарен инспекторат кој вработува 13 службеници, а Државниот инспекторат за техничка инспекција 2 службеници. И инспекторатот за животна средина вработува 1 лице.

Нови вработувања има и во Агенцијата за цивилно воздухопловство, каде што се дава највисока плата од сите најавени вработувања (56.300 денари) вработува 1 лице. Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот вработува 2 лица. Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието ќе вработи 6 службеници.

На крајот на годината огласи за вработување објавија и општините. Општина Гази Баба ќе вработи 6, а општина Тетово 19 службеници. И тие ќе ја добијат работата во јануари.

Оглас за вработување на 6 лица, меѓу кои и раководител на финансискиот сектор со плата од 43.000 денари, објави и скопското Јавно сообраќајно претпријатие.