Српскиот министер за финансии Синиша Мали изјави денеска на прес конференција дека на седница на српската Влада се донесени три важни документи – ревизија на буџетот за 2020 година, уредба со која подетално се објаснува исплатата на 100 евра на сите полнолетни граѓани на Србија кои ќе изразат желба да добијат пари и регулатива во врска со договорот меѓу Владата на Србија и комерцијалните банки.

Мали објасни дека апликацијата за исплата на 100 евра започнува на 15 мај и ќе трае до 5 јуни, дека таа ќе биде многу едноставна и до 15, 20 јуни сите што се пријавиле ќе бидат исплатени.

-Не ви треба повеќе од една минута од вашиот ангажман. Постојат два начина на кои граѓаните можат да аплицираат – преку порталот на Управата за финансии или преку телефонскиот кол центар. Во обата случаја оставате четири детали – име и презиме, ЕМБГ, број на лична карта и избор на банка каде сакате да се изврши исплатата. Доколку немате сметка, кажете во која банка сакате да ја отворите и ние ќе ја отвориме и ќе направиме исплата од 100 евра, објасни министерот Мали.

Според него, проекцијата на падот на БДП на Србија изнесува -1,8, дефицитот е 6,9 отсто, а јавниот долг е под 60 % од БДП.

Мали најави дека две милијарди динари се предвидени за 400.000 нови ваучери за летување во Србија и до денес се веќе поделени 160.000 ваучери.

Според него досега 5.804 лица се имаат пријавено во заводот за вработување дека се останати без работа како последица на епидемијата на коронавирус.