Работниците се уште се обидуваат да ја оспособат електродистрибутивната мрежа за околу 20.000 домаќинства во централната турска провинција Испарта, кои веќе три дена се без струја поради обилните снежни врнежи кои предизвикаа прекини и дефекти на мрежата, изјави турскиот министер за енергетика Фатих Донмез.

Како што пренесува Хабертурк, обилниот снег и снежните виулици предизвикале сериозни оштетувања на енергетската инфраструктура, поради што на почетокот без струја во провинцијата Испарта останале 113.236 корисници.

-Работници од електродистрибуција работат на терен за да ја вратат енергијата во домовите на преостанатите 20.000 корисници, рече министерот Донмез.

Од кабинетот на гувернерот во Испарта соопштија дека некои населени места и села се уште се без струја и потврдија дека работниците ангажирани за одржување на мрежата ги продолжуваат работите и поправките на далноводите.