На територија на СВР Битола денеска и утре ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот поради денешната посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова и утрешната посета на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски по повод одбележувањето на годишнината од постоењето на РЕК „Битола“.

– Од тие причини, СВР Битола на територија на Битола и околината на 04.11 и 05.11 ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што до сите граѓани учесници во сообраќајот апелираме да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, се наведува во соопштението од СВР Битола.

Засега нема официјална информација за целта на посета и агендата за време на престојот на бугарската потпретседателка Јотова. Од Општина Битола соопштија дека таа не доаѓа во официјална посета на Општината.

Јотова, заедно со тогашниот бугарски премиер Кирил Петков, но и со преостаната политичка делегација од Бугарија, на 16 април беше на отворањето на бугарскиот клуб Ванчо Михајлов.

Јотова остана запаметена по фамозната изјава дадена во Битола. „Кои се тие Македонци во Бугарија, дајте ми пример. Јас многу одамна се занимавам со таа тема, бев и десет години во Европскиот парламент, никој досега од ваша страна не побарал такво нешто“, рече тогаш Јотова.