Апелациониот суд Скопје денеска врз основа на измените на Кривичниот законин го одби обвинението против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков во случајот „Титаник 2“. Апелација за останатите обвинети, кои беа поранешни членови на Државната изборна комисија, Мендух Тачи, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими и Влатко Сајкоски казните ги преиначи во условни.
-Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-43/23, во јавноста познат како „Титаник 2“, по одржана јавна седница на ден 15.09.2023 година, а по извршено советување и гласање на ден 29.09.2023 година, донесе пресуда со која делумно ги уважи жалбите на обвинетите М.Т. од Т., Б.И. од Т., В.С. од К., С.С. од С.и пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција. Истовремено, под став II од изреката, по повод жалбите на обвинетиот С.М. од С.,а по службена должност, пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи во делот спрема обвинетиот С.М. од С. , носејќи одлука со која се одбива обвинението, согласно член 402 точка 6 од ЗКП, се наведува во соопштението на Апелациониот суд Скопје.
„Титаник 2“ е предмет што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица.
Фото: МИА архива