Таканаречената Огнена група денеска од Студеничани, преку потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити му порача на лидерот Али Ахмети да не „го гори јорганот за една или за неколку болви“. Алузијата се однесува на првиот вицепремиер Артан Груби, за чија работа оваа група има низа забелешки, објави ТВ Алсат.

– Вечерва почнавме со Студеничани, затоа што Студеничани отсекогаш бил иницијатор на процесите, и на УЧК, и на бомбашите, и на студентите. Секогаш сме биле и остануваме со Али Ахмети. Но, му упатуваме од овде пријателска порака да не го гори јорганот поради една болва или неколку болви, рече на средбата Меџити, објави ТВ Алсат.

На средбата во Студеничани присуствувале и Муса Џафери, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Кастриот Реџепи и други партиски функционери на владејачката ДУИ.

За средбата со партиското членство на ДУИ и другите граѓани во Студеничани ТВ 21 пренесе:

– Потпретседателот на ДУИ Меџити од Студеничани упати многубројни критики кон министрите-Албанци во Владата, нагласувајќи дека сите ги исполнуваат критериумите да заминат и да бидат заменети, како што кажа, со нови момчиња и девојки, кои ќе бидат подготвени, објави ТВ 21.

Меџити рече дека не им требаат „салонски луѓе“:

– Нам не ни требаат салонски луѓе, тие треба да бидат заменети… Треба да уследат промени, бидејќи оваа извршна власт дојде без гласот на граѓаните, без гласот на Генералниот совет на ДУИ. Најважното е тоа што тие немаат остварувања ниту во инфраструктурата, ниту во адекватната застапеност, ниту во поглед на албанскиот јазик, ниту во децентрализацијата или во кој било друг сегмент. Значи, тие ги исполнуваат сите критериуми да заминат и да бидат заменети со нови момчиња и девојки, кои ќе бидат подготвени, кои ќе бидат од народот и кои ќе работат во интерес на албанскиот граѓанин, рече Меџити.