Полицијата четири дена го бара лицето кое го вееше знамето на т.н. „голема Албанија“, Владата не се огради и не побара одговорност, а ЈО на Љубомир Јовевски чека да види што ќе сработи МВР на Оливер Спасовски.

Знаме на „голема Албанија“ се вееше на концерт во Тетово на 11 август, кој во знак на добредојде на косовскиот премиер, Албин Курти, го организираше локалната самоуправа. На видеото кое се пренесуваше на официјалната фејсбук страница на Општината, се гледа развиорено знаме со карта која ја опфаќа Албанија и делови од Македонија, Црна Гора, Србија и Грција, додека Курти пристигнува со градоначалникот Биљал Касами, заедно со Изет Меџити и Африм Гаши.

Партиите од албанскиот политички блок, вклучувајќи ги и ДУИ и Алијанса на Албанците не се оградија од чинот кој се толкува и како територијална претензија кон други држави.

Како што објави Макфакс, полицијата сѐ уште го расчистува случајот, односно го утврдува лицето кое ја вееше иконографија на т.н. „голема Албанија“.

– СВР Тетово е во координација со ОЈО-Тетово и се преземаат мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот, изјавиле од МВР.

Обвинителството пак, ќе ги гони Касами и Ганиу за неистакнувањето на македонското знаме и неинтонирањето на македонската химна на настаните со Курти, но само ако биде поднесена кривична пријава.

Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски реагираше и побара одговорност за случајот, но не и Владата. Нема заеднички став на сите министри, кои се дел од Владата.

На настанот не беше интонирана македонската химна, ниту имаше македонско знаме. За ова, Ковачевски, како и претседателот Стево Пендаровски, кажаа дека е кршење на законите и протоколите.