Еден маж е потешко повреден со изгореници од четврт степен, а 10 лица затруени од чад се последиците од пожарот што се случи денеска околу 11 часот во еден стан во зграда на улицата „Димо Гавровски Кара“ во Тетово.

Тешко повредениот  е пренесен во Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.

– Од Брза помош ни донесоа 11 лица. Во одделот хирурки болести е доставен пациент со тешка општа состојба со изгореници од 4-те степен по што веднаш е префрлен со возило од Клиничка болница Тетово со реаниматолог и техничар до ургентен центар на Клиниките „Мајка Тереза“ во Скопје. Во интерно одделение се примени шест жени и четворица мажи со инхалаторно труење од чадот, во лесна состојба. После симптоматска терапија и опсервација пуштени на домашно лекување, изјави д-р Бобан Вучески дежурен лекар во интерниот оддел при Клиничка болница Тетово.

Според сведочењата на станарите пред пожарот се слушнала силна екплозија за која сметаат дека е од плинска боца.

– Мажот излезе да види што се случи, како лифтото да падна, удри еден чад, црнила. Побегнавно назад. Викаше човекот од станот, ние не го познаваме, целиот изгорен. Се чудевме што се случи, страшна работа. Видовме дека е плинска боца, ја испуштија. Алал да им е на пожарникарите, како реагираа, рече жена на 60-тина години.

Од тетовската пожарникарска единица информираат дека интервенирале со 10 пожарникари и три возила.