Оштетените штедачи, физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка денеска организираа собир пред Уставниот суд, кој на денешната седница треба да расправа за иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки.
-Денеска сме повторно пред Уставниот суд, со надеж дека конечно ќе преовлада правдата и ќе победи правната држава. Денеска повторно на дневен ред пред Уставниот суд е одлуката за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, наведуваат штедачите.
Според нив, членот 163 став 3 од Законот за банки претставува генератор што продуцира нееднаквост на правните и физичките лица депоненти на банка во однос на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на банка.
-Далбоко сме убедени дека Еуростандард банка пропадна поради криминални активности на неколку категории луѓе, истакнуваат оштетените штедачи.
Посочуваат дека во стечајната постапка нема доволно средства за надомест на нивните пари. -Во апсолутна смисла е загрозена нашата сопственост врз тие средства. Причината за ваквата состојба во стечајот е монополската позиција на Фондот за осигурување на депозити. Но, тоа денес отвора многу прашања од пошироко значење. Од една страна гледаме колку несигурна била нашата позиција во легалниот финансиски систем каде царувал криминалот, и од друга страна гледаме дека во стечајната постапка, со законската регулатива која е на наша штета, повторно ќе бидеме оштетени поради нееднаквата и дискриминирачка позиција во однос на Фондот за осигурување на депозити, сметаат штедачите.
Убедени се дека се работи за неодржлива состојба, спротивна на Уставот и гарантираната еднаквост преку забрана на монополската положба по било кој основ. Затоа, додаваат, доколку продолжи примената на законите од областа на финансискиот систем и банкарскиот сектор на ваков начин, не е далеку денот кога поради апсолутно несигурната состојба, многу граѓани – штедачи ќе ги преиспитаат своите штедни влогови во банките. Дури може да дојде и до масовно повлекување на депозити, што, како што наведуваат, искрено не го посакуваат.
Според нив, генератор на промените на ваквата состојба во финансискиот систем и банкарскиот сектор гледаат во укинување или поништување на член 163 став 3 од Законот за банки. Сметаат дека со негово укинување или поништување ќе се постигне позитивен ефект не само во стечајната постапка за Еуростандард банка, туку тоа ќе предизвика потреба од темелна реформа на законодавството од областа на банкарското работење. Со тоа, како што наведуваат, ќе се надмине сегашната состојба според која сите во однос на Фондот за осигурување на депозити се во подредена положба, додека правните лица не само што не се еднакви, дури трпат и дискриминација. Сите стравувања на монетарната власт и недовербата на граѓаните можат да се надминат со една одлука на Уставниот суд, во кого оштетените физички и правни лица гледаат последна шанса за враќање на надежта во владеење на правото. Само Уставниот суд може да го укине законскиот текст кој овозможува и креира правна несигурност што води во неизвесност илјадници семејства. На потег е Уставниот Суд!, велат од Здружение на оштетени физички и правни лица од Еуростандард банка „Правда за штедачи“.скс/са/
Уставен ќе ја разгледува законитоста на член 163 од Законот за банки
Уставниот суд денеска треба да ја одржи 9-тата седница, на чиј дневен ред како втора точка е иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки.
Седницата претходно на двапати беше одложена на 25 март и на 7 април поради состојбата со ширењето на коронавирусот.
Пред седницата на Уставниот суд Здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард Банка „Правда за штедачи“, упати јавен апел за владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Уставот.
Во образложението на иницијативата, Здружението, наведува дека со член 163 став 3 од Законот за банки, Фондот за осигурување на депозити е утврден како доверител со приоритетно право за наплата во однос на сите други доверители во случај на стечај на банка, меѓутоа одредбата со која Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплата на побарувањата од стечајната маса, е очигледно неуставна и затоа, сметаат дека Уставниот Суд треба да ја укине како таква и да ја стави вон сила.