Полскиот претседател Анджеј Дуда најави дека за време на утрешната средба со американскиот претседател Џозеф Бајден, ќе побара членките на НАТО да се обврзат минимумот што треба да го одвојат за одбраната да биде три проценти од БДП, а не како до сега доброволно преземена обврска од два отсто.

– Сакам да и предложам на Белата куќа за време на нашата посета, а ќе разговарам за тоа и со нашите сојузници и генералниот секретар на НАТО, членките да одлучат заедно дека НАТО ќе бара од нив не два проценти, туку три проценти од БДП. Така што модернизацијата на армијата и создавањето воени залихи да стане факт, изјави денеска Дуда на почетокот на седницата на Советот за национална безбедност во Варшава.

Дуда нагласи дека трите проценти од БДП што се издвојуваат за одбрана во секоја од земјите-членки треба да бидат најниската граница, иако некои од западните воени сојузници сè уште не одвојуваат ниту препорачаните два проценти.

– Никој нема да се осмели да нападне силно НАТО, силни земји. Државите кои знаат ефикасно да се бранат се подготвени и ќе стојат во одбрана на своите граници од првиот момент. Полска денеска станува таква земја, рече тој и додаде дека „империјалните амбиции на Русија постојат и ќе продолжат да постојат“.