Репрезентативецот на Англија, Џејмс Медисон, се согласи за деталите за новиот договор со тимот на Лестер за значително подобри услови, јавуваат островските медиуми.

Медисон беше мета на неколку клубови, пред се Манчестер Јунајтед, но се верува дека тој веќе има потпишано нов договор според кој би имал неделна плата од 105.000 евра.

Халфот на тој начин ќе стане вториот најплатен играч на „лисиците“, по напаѓачот Џејми Варди, кој има неделна плата од 130.000 евра.

Јунајтед одамна е познат како сериозен кандидат, но со доаѓањето на Бруно Фернандеш и враќањето на Пол Погба на терените, интересот опадна.

Се верува дека Лестер ќе го објави договорот за неколку дена, по завршувањето на сезоната во Премиер лигата, во која Лестер има голема шанса да се пласира во Лигата на шампионите.

Последното коло од Премиер лигата (сите натпревари од 17,00 часот) носи судир меѓу Лестер и Манчестер Јунајтед и директна борба за ЛШ. Само победа му гарантира на Лестер место во елитното натпреварување, бод би им одговарал и на двата тима доколку Челси загуби, а во тој случај, Јунајтед би одел во Лигата на шампионите и со пораз.

Медисон пристигна во Лестер во 2018 година од редовите на Норвич за 25 милиони евра.