Белгискиот премиер, Александер Де Кро, изјави дека не е време да се долева масло на огинот, по најавите на рускиот претседател дека ќе мобилизира 300 илјади резервисти, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Мислам дека треба да реагираме со потребната смиреност. Не треба да долеваме масло на огнот, не треба да реагираме со провокации, рече Де Кро.

Рускиот претседател, Владимир Путин, утрово во кус говор најави дека мобилизира 300 илјади резервисти во пресрет на референдумите за независност на сепаратистичките области во Украина, и дека Русија е во војна со Западот. Тој не ја исклучи можноста од употреба на нуклеарно оружје.

Белгија потврди дека ќе продолжи да ја поддржува Украина меѓу другото преку нова испорака на оружје.

Што се однесува до заканите за нуклеарен напад од страна на Путин, шефот на белгиската влада оцени дека ова не е ништо ново.

– Русија ова го направи пред неколку месеци, НАТО тогаш реагираше многу смирено, мислам дека повторно ќе го сториме тоа.