Претседателката на Словачка Зузана Чапутова денеска е во еднодневна официјална посета на Грција, а според словачките медиуми, утре ќе ја посети Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Чапутова во Атина пристигнува по покана на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, утрово по официјалниот пречек двете претседателки ќе одржат билатерална средба, по што ќе следи и разговор на двете делегации.
Предвидено е словачката претседателка да се сретне и со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, а вечерва Сакеларопулу ќе приреди официјална вечера во чест на Чапутова.
Според словачките медиуми, енергетската криза, диверзификацијата на енергетските извори и другите предизвици со кои се соочуваат двете земји по војната во Украина се очекува да бидат темите за кои претседателката на Словачка ќе разговара со нејзините домаќини во Атина.
Од Грција, според словачките медиуми, Чапутова ќе замине за Скопје, каде што утре ќе одржи средби во рамките на официјалната посета на Северна Македонија.