Во Романија денеска се одржува вториот круг од претседателските избори на кои учествуваат актуелниот претседател Клаус Јоханис и поранешната премиерка Виорица Данчила.
Јоханис во првиот круг освои 36 проценти од гласовите, додека неговата противкандидатка 24.
Актуелниот претседател на Романија е познат како критичар на корупцијата, кој често се судруваше со Владата на Социјалдемократската партија (ПСД), предводена од Данчила.
Јоханис (60) е политичар од десниот центар, поранешен професор по физика и припадник на германското малцинство. Се залага за европските вредности и за поголем број од прашањата ги дели ставовите на Берлин и на Париз, што се однесуваат на 28-те членки на Европска Унија.
Тој е поранешен лидер на Националната либерална партија (ПНЛ), која на 4 ноември формираше малцинска влада предводена од премиерот Лудовик Орбан.
Данчила во својата кампања го нагласуваше економскиот раст и позитивните финансиски изгледи на земјата. Социјалдемократската влада на Данчила беше принудена да се повлече откако во октомври и беше изгласана недоверба во Парламентот под притисок на антивладините протести поради коруптивните скандали. Поранешниот лидер на социјалдемократите Ливиу Драгнеа е во затвор поради злоупотреба на службената должност.
Според локалните експерти, гласачите кои во првиот круг поддржаа кој било од 12. други кандидати најверојатно денеска ќе гласаат за Јоханис.
Романија како и другите земји од поранешниот комунистички блок се соочува со демографска криза. Повеќе од четири милиони од вкупно 20 милиони жители на Романија живеат и работат во странство. Тие минатата година испратиле речиси три милијарди евра. Нивните гласови можат да го сменат изборниот резултат, како што тоа се случи во 2009 година кога 100.000 гласови од дијаспората придонесоа за победа на кандидатот на десниот центар за претседател на државата Трајан Басеску, кој го порази левичарот Мирчеа Џоана.
Романскиот претседател има петгодишен мандат. Тој е одговорен за надворешната политика, присуствува на самитите на ЕУ и е главен командант на вооружените сили. Претседателот именува премиер и судии.
Романија е членка на Европска Унија од 2007 година, а повеќе од 25 проценти од нејзините жители живеат со помалку од 5,50 долари на ден. ПСД во 2016 година победи на парламентарните избори освојувајќи 46 проценти од гласовите, благодарение на ветувањата за повисоки пензии и плати. По три години и тројца премиери, двајца отстранети од власт од страна на самата партија и еден отстранет по гласањето недоверба од страна на опозицијата, социјалдемократите ги обвинуваат поради не справување со корупцијата и не спроведување на судските реформи.
Романците следната пролет ќе гласаат на локални избори, а на крајот од 2020 година предвидени се парламентарни избори.