Во издание на издавачот „Изида“ од Софија, Република Бугарија, деновиве излезе од печат романот „Другата Марта“ од македонскиот писател Горјан Петревски.

Тоа е втор дел од познатиот роман „Марта“ од Петревски, кој заедно со романот „Сама“, со поддршка на Министерството за култура, се преведени и објавени во 2022 година и веќе постигнуваат успех кај читателите во соседна Бугарија.

– Мостот на добра соработка со издавачите „Изида“ и „Книги за сите“ во Република Бугарија, е воспоставен. По успехот на романите „Марта“ и „Сама“ кај тинејџерската публика во Бугарија, соработката взаемно продолжува, вели Петревски.

Оттука, додава Петревски, дојде и преводот на романот „Другата Марта“, кој е редоследно продолжение на претходниот, а двата дела може да се доживеат и одделно, секој самиот за себе, како посебна приказна. Довербата и разбирањето со сопствениците на двата издавачи, г. Пламен Тотев и г-ѓа Светлана Јанчева, се воспоставени и се потпишани нови договори за уште десет романи од моето творештво, кои ќе се појавуваат во текот на наредниов временски период.

Романот „Другата Марта“, како и двата претходни, („Марта“ и „Сама“), од македонски на бугарски јазик ги преведе Маријан Петров. Промоцијата на романот „Другата Марта“, најверојатно, ќе се одржи во септември во Македонскиот културен центар во Софија.