Со одлука на Кривичен совет при Кривичен суд Скопје, од денеска лицата Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ, обвинети во случајот „Монструм” ќе бидат во притвор. Во образложението на судот се вели дека ова одлука е донесена по предлог на надлежниот обвинител.

– На обвинетиот Ф.А. му е определена мерка притвор во траење од 30 дена и истото е доставено во Истражниот затвор Скопје каде се наоѓа обвинетиот, додека за А.И. е определна мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода и истото е доставено до надллежното МВР, велат од судот.

Адвокатот на обвинетите Насер Рауфи, за МИА, изјави дека на оваа одлука ќе поднесат жалба во понеделник, односно тој смета дека истата е непотребна од причина дека наведените лица ги почитувале доследно претходните мерките донесени од судот.

Воедно, следното рочиште за овој предмет е закажено за 30 ноември. На денешното рочиште за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, не се одржа главна расправа заради отсуство на адвокатот Асмир Алиспахич.

Обвинителката Фатиме Фетаи денеска побарала притвор затоа што сметала дека постои опасност од бегство поради приближување на крајот на судскиот процес за случајот познат како Монструм.

Но додека кривичниот судски совет одлучувал по обвинителското барање за притвор, Исмаиловиќ и останатите обвинети непречено ја напуштиле зградата на скопскиот кривичен суд. Кога одлуката е донесена, Исмаиловиќ не бил во судот по што е издадена наредба за негово наоѓање и носење во притворското одделение во Шутка. Полицијата кога проверувала во неговиот дом не го нашла, но подоцна е пронајден и обезбеден.

Случајот „Монструм” кој по одлука на Врховниот суд е на повторно судење во Кривичен суд Скопје, моментално е во фаза на доказна постапка.

Судењето за овој предмет го води судијата Огнен Ставрев, додека застапници на обвинението се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Во случајот „Монструм“, за петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени лицата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, се обвинети Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.