Претставниците на власта на денешното чествување на Денот на ослободувањето на Скопје говореа за херојската борба на партизаните и ослободителите, но речиси никаде не се споменува против кого се бореа.

Но, за разлика од политичарите на власт, претставници на борците јасно кажаа против кого се бореле:

– Ние многу добро знаеме против кого се боревме за слободно Скопје, рекоа борците од НОБ и антифашистичка борба во Македонија.

Претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОБ, Трајко Стаматоски во говорот пред Споменикот на ослободителите рече дека денес сме сведоци на оспорување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

– Ние борците сме посебно чувствителни кога се омаловажува и негира народно-ослободителната борба. Ние броците многу добро знаеме против кого се боревме и со какви жртви. Се сеќавам на борбата на генерал Михајло Апостолски да не дозволи влез на бугарската војска во Скопје, рече Стаматоски.

Градоначалникот Петре Шилегов рече дека во НОБ загинале 4.654 наши сограѓани, од кои 956 во борбите, а останатите од теророт на фашистите, но не спомена кои земји се фашистите и кои земји биле окупатори во Македонија и Скопје.

– Ние во оваа борба бевме на вистинската страна. Горди сме на нашата историја, немаме комплекс од нашето минато и од нашата историја, не сакаме да исправаме ничии други истории, меѓутоа не дозволуваме никој да ја исправа нашата историја, рече Шилегов.

И на социјалните мрежи, во објавите на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и останатите претставници од власта, во врска со денешниот повод, се говори за борци, борба за слобода, но не се споменуваат кои биле окупаторите од кои борците ја ослободија Македонија.