Бугарија продолжува да ја поддржува идејата за евроинтеграција на Западен Балкан, но таа поддршка не е безусловна и и не може да се реализира во случај на неисполнување на билатералните договори меѓу Бугарија и соодветните балкански држави.

Ова го порача бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во неговото обраќање во Парламентот, каде ги информира бугарските пратеници за односите на реалција Скопје-Софија, за преговарачката рамка и за евентуалниот почеток на преговорите за членство во Европската Унија, јави БГНЕС.

Каракачанов рече дека бугарската Влада се придржува кон Договорот за добрососедство и кон рамковната позиција, потврдена со декларацијата на Парламентот.

-Прво никој не извршил притисок врз бугарската Влада. Германското претседателство во моментов изрази став да биде посредник доколку е потребно, во разговорите меѓу двете страни. Не е извршен притисок врз бугарската Влада. Второ – во разговорите со претставници на РС Македонија, Бугарија ја потврди својата јасна позиција дека ние сме „за“ членство на Македонија во ЕУ, но сметаме дека Договорот од 1 август 2017 година не се имплементира, согласно неговите одредби, изјави Каракачанов. Според него пример за тоа е неефикасната работа на Заедничката македонско-бугарска комисија и објавите во македонските медиуми, кои како што посочи, содржат антибугарска реторика.

-Без надминување на говорот на омраза, без јасна ревизија на образовниот систем, изграден на невистинити факти, не постои начин земјата да даде согласност за одржување на првата Меѓувладина конференција за почеток на преговорите за приклучување на РС Македонија во ЕУ, порача Каракачанов.

Според него „властите во Скопје сметаат дека откако веќе Бугарија ги отворила вратите за НАТО, може да биде притисната или со други политички средства да се согласи да ја отфрли својата рамковна позиција од минатата година и декларацијата во Парламентот“.

-Од наша страна повеќе пати е појаснувано дека Владата нема намера и не може да ги прескокне одлуките на бугарскиот Парламент, бидејќи Бугарија е парламентарна република. За нас прашањето останува отворено, рече бугарскиот министер за одбрана.

Каракачанов даде и кус преглед на случувањата околу последните разговори со македонската делегација во вторникот.

-Тие траеја долго време, од утрото до доцна попладнето. Следниот ден во средата имаше онлајн конференција, на која присуствувавме јас и Екатерина Захариева  како вицепремиери, ополномоштени да ги водиме тие разговори. Од нивна страна имаше претставници на исто ниво. Не дојдовме до ново решение и тоа поради тоа што колегите од Скопје не сакаа да ги прифатат ставките кои се јасно изнесени во бугарската рамковна позиција, рече Каракачанов.