За власта пописот во април е безбеден, а од опозицијата предупредуваат дека пописот уште повеќе може да го зголеми бројот на заразени и на починати од коронавирусот, кој и без тоа е многу голем во Македонија.

Дали ќе се одржува пописот или не, на кој начин ќе се одржува, е политичка одлука, а не на Комисијата за заштита од заразни болести, вели првиот човек на ова советодавно тело на Министерството за здравство, Жарко Караџовски. Од владејачката СДСМ велат пописот ќе биде безбеден по здравјето на сите и дека по 20 години неопходно е спроведување на таква статистичка операција. Дел од политичките партии и неколку здруженија пак најавија бојкот на пописот, а како една од причините ја посочуваат влошената епидемиолошка состојба.

Комисијата за заразни болести, како што рече вчера Караџовски, направила предлог протокол и тој е доставен до Министерство за здравство и до Државниот завод за статистика.

– Предлог протоколот беше побаран и ние го направивме, понатаму државните институции ќе одлучат дали ќе има или ќе нема попис, на кој начин ќе се спроведува, а ние дадовме повеќе опции за спроведување на пописот, истакна Караџовски.

Во однос на епидемиолошката состојба, тој посочи дека се манифестира со зголем број на заразени, но дека сè уште може да се менаџира.– Во самиот дом кај семејството што се попишува, дали се работи за стан, куќа, индивидуално, и дали може да се спроведува попис со одредени епидемиолошки параметри коишто се однесуваат на превенција, тоа значи задолжително носење на заштитна маска за попишувачот и лицата кои ќе бидат попишани, дистанцата која треба да се одржува, користење на заштитна маска, користење на дизенфекциски средства, дистанца од повеќе метри, вклучително и дистанца која што треба да се спроведува и во надворешни услови, појасни Караџовски.

Портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов вчера изјави дека пописот како статистичка операција ќе биде безбеден.

-Овде државата гарантира дека попишувачите максимално ќе ги почитуваат јасно утврдените здравствени протоколи, се со цел за да го заштитат здравјето свое но секако и на граѓаните. Фактот дека 20 години немаме спроведено попис како статистичка операција секако не упатува на тоа дека навистина таквата операција е неопходна и е во интерес и на граѓаните и на државата, вели Костадинов.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, попис во април ќе значи 2.400 мртви поради корона.

Повикувајќи се на кажувања на СЗО, Николоски вчера во Дневникот на телевизија Сител рече дека едно лице кога ќе заболи додека открие дека е болно заболува најмалку 9 лица.

-Што значи дека во процесот на попис, овие 5.500 попишувачи ќе го пренесат вирусот на 49.500 лица. И во Македонија смртноста е меѓу највисоките или е 4,9 проценти, што значи дека попис во април ќе значи 2400 мртви од корона и ќе значи колапс на здравствениот систем затоа што педесттина илјади луѓе ќе заболат, кажа Николоски.

Од 1 март започна процесот на попишување на дипломатите и нивните семејства, како и процесот на самопопишување на граѓаните кои се дел од дијаспората, односно што се наоѓаат надвор од земјата, а кои ќе бидат попишани како нерезидентно население на државата. Овој процес ќе трае до 21 април. Од 1 до 15 март се попишуваа уште пет други категории лица, а тоа се лицата што се наоѓаат во служба на Армијата на РСМ, во државата или во странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и лицата бездомници.

Пописот на резидентното население на Република Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.