Рестриктивните мерки, односно полицискиот час и забраната за музика во угостителските објекти во три региони на грчкиот остров Крит се продолжени за уште една седмица и паралелно се воведени и во регионот Месинија на Пелопонез, јави дописничката на МИА од Атина.

Градовите Ханија, Ираклио и Ретимно на Крит, што се и три четвртини од островот, и понатаму се во црвената зона, а од денеска во истата категорија е и регионалната единица Месинија.

Полицискиот час од 1 часот по полноќ до 6 часот наутро и забраната за музика во угостителските објекти во текот на целиот ден, во конкретните региони ќе бидат во сила до 3 септември.

Од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција потсетуваат дека паралелно со рестрикциите, забрането е одржување и било какви настани во приватни простори со присуство на над 20 лица, а  во спротивно предвидени се казни од 50.000 до 200.000 евра.

Конкретните рестриктивни мерки од локален карактер грчката Влада ги воведува во регионите или општините со влошена епидемиолошка состојба и со зголемен број новозаразени.

Досега, во текот на летото, вакви мерки имаше и на островите Миконос и Закинтос.