Под влијание на серија на влажни бранови до почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно наместа со повремени врнежи од дожд, соопшти УХМР.
В петок пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови, а во недела на повеќе места. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка. Утринските температури ќе бидат во интервал од минус еден до осум, а максималните дневни ќе достигнат до 20 степени.
АД Електрани на Македонија информира дека за утре се создадени услови за испорака на топлинска енергија.
– Ги информираме потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија. Оваа информација е согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за Хидрометеролошки работи, се вели во соопштението од АД ЕСМ.
Снабдувањето со топлинска енергија, согласно регулативата, по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена, до 30-ти април, во зависност од временските услови.
Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ.
За информации, рекламации или пријави на дефекти, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи.
За потрошувачите на ЕСМ Снабдување со топлина: Центар за грижа на потрошувачи (24/7): 02 3076 200 и 075 400 100
За потрошувачите на ЕСМ- Енергетика: Дефекти и протекување (24/7): 071 313 405 Центар за грижа на корисници (пон-петок,07.00–19.00): 02 3104 816 Рекламации за квалитет на греење (пон-петок, 07.00-19.00): 02 3104 872