Посебни места на паркинзите ќе бидат резервирани за бремени жени и возачи на автомобили во кои се превезуваат деца до тригодишна возраст,  со поставување соодветни табли, а возилата  на тие категории граѓани ќе бидат обележани со налепници.

За трудниците и возачите на децата ќе биде објавена и брошура со совети за однесување во сообраќајот со цел нивна поголема безбедност.

Тоа се предвидува со проектот „Безбедни семејни паркинг зони“, што го почна денеска Автомотосојузот на Македонија во соработка со министерствата за внатрешни работи, за транспорт и врски, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Факултетот за безбедност и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

Првите обележани паркинг места ќе бидат кај Клиниката за гинекологија и акушерство, а како што посочи директорката Викторија Јовановска, со планираните активности ќе се подигне нивото на безбедност на трудниците во сообраќајот.

– Иако генерално бебето е добро заштитено во стомакот на мајката, сепак бремените  жени како учеснички во сообраќајот треба да бидат едуцирани како да се заштитат себеси и бебето од повреди. Имајќи ја предвид состојбата со паркинг  места, особено во Скопје барањето  слободно место за паркирање понекогаш може да трае  15- 20 минути, тоа предизвикува сериозен стрес и  потенцијална опасност за трудницата, а судирите на стопмакот со воланот  може да бидат високоризични и го изместуваат и фокусот на возачот. Затоа на бремената жена наместо да и се даваат совети дека е подобро  да не вози, задоволна сум што нудиме нови позитивни европски решенија за идните мајки, рече Јовановска.

Според Никола Дујовски, декан на Факулетот за безбедност, секојдневните активности на сите институции за безбедноста во сообраќајот се добри, но не се доволни, а за тоа говорат и податоците од сообраќајниот билтен за изминатиот викенд кога се случиле 21 сообраќајка, едно лице е починато,  а казнети се 148 возачи за пречекорување на брзината, 42 под дејство на алкохол, 45 без дозвола, 183 за погрешно паркирање.   Потребни се  и проекти како Безбедни семејни зони  со кои ќе се спроведат кампањи и ќе се имплементираат европските стандарди, со што поскоро ќе излеземе од последните места по безбедност во сообраќајот во Европа и светот и сметам дека за тоа имаме капацитет, рече Дујовски.

Како што истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, безбедноста во сообраќајот е еден од главните приоритети на ресорното Министерство, а проектот „Безбедни семејни паркинг зони“ го заслужува должното институционално внимание.

– Полицијата како и претходно, така и сега, е целосно отворена за соработка, за заедничко разгледување на сите идеи и предлози – како, кога, на кој начин ќе може сето тоа да се операционализира, а првенствено во интерес на нашите граѓани и подигањето на нивото на сообраќајна безбедност, посочи министерот Спасовски.

За примена на проектот министерствата за транспорт и врски и за внатрешни работи  треба да го изменат Правилникот за сообраќајни знаци, опрема и сигнализација на патот.

– Ќе се додаде нов знак во Правилникот со форма и изглед со што сообраќајно ќе се обележи предвиденото место за  оваа група возачи. Очекуваме измените да завршат еден до два месеца. Крајната цел е зголемена бебзендост за сите учесници во сообраќајот, особено за бремените жени, најави министерот за транспорт Сугарески.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ги повика сите општини активно да се вклучат во  проектот преку промена на постојните правилници за сигнализација на патот.

– Со тоа не само што ќе ги следиме европските  трендови за зголемување на безбедноста во сообраќајот, туку и директно ќе влијаеме за намалување на бројот на жртви во сообраќајот, особено од ранливите категории, рече Шилегов, посочувајќи дека истовремено треба да се работи и на промена на сообраќајната култура и навики.

Активностите за проектот со кој се применува европската регулатива, се одвиваат со финансиска поддршка од Светската автомомобилистичка федерација.