Крими-непотистичката власт на деспотот Заев фатена е жива во скандалот со вработување на роднини на функционери од власта, а сега ја замајува јавноста со наводен оперативен план за вработување, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Граѓаните го видоа нивниот оперативен план за вработување синови, ќерки, браќа, сестри, мајки, татковци, баби, дедовци, золви, снаи, зетовци и лични фризерки на функционерите од СДСМ. Патем по правило сите тие се вработени во државни институции за плати повисоки од просечната плата која ја добиваат граѓаните. Дали оперативниот план на власта предвидува токму роднините и децата на власта да бидат или единствени пријавени или најдобри кандидати според критериумите за Дизел вработување? На сметка на ова партиско фамилијарно полнење на администрацијата, економијата од ден во ден ни тоне се повеќе. Дополнително на тоа граѓаните се товарат со повисоки даноци и нови задолжувања. Стопанството ни се гуши, освен фирмите на функционерите од власта чии бизниси се шират како канцер во македонската економија. Вистински позитивни економски резултати и зголемување на вработеноста во реалната економија се можни само со демонтирање на криминалниот картел од власт кој ќе почне со поразот кој ќе го доживеат на претстојните избори, се вели во реакцијата.

Опозициската партија вели дека „неспособната власт повторно ја гледаме на дело“.

– Нивото на реализација на капитални инвестиции  за месец јануари е нешто над 1%. Од годишно планираните 420 милиони евра, власта вложила само 4.5 милиони евра. Бројките сигнализираат дека власта и оваа како и претходната година нема да успее да ги реализира планираните капитални инвестиции. Ниското ниво на реализација на капитални инвестиции, значи помалку инфраструктурни проекти, помалку автопати, патишта, водоводни и канализациони мрежи. Помалку капитални инвестиции значи помал развој на економијата. Две години откако СДСМ е на власт, а ниту еден капитален проект не е реализиран. Ништо 600 километри автопат, 550 километри магистрални патишта и 1200 километри локални патишта. СДСМ потфрли на инфраструктурен план. СДСМ не направи ништо за развој на државата, се вели во соопштението.

Две години, се додава натаму, само тонеме како држава.

– Власта само расипнички се задолжува, а ништо од тоа не оди кај граѓаните. СДСМ го зголеми јавниот долг над 5 милијарди евра, со што за првпат е надмината границата од 50%. СДСМ сериозно ја загрозува солвентноста на државата на среден рок, многу задолжување, а ниту еден проект. Деспотот Заев наместо на развој на државата работи за теснопартиските интереси на врхушката на власта. Деспотот Заев ја тоне Република Македонија. Деспотот Заев и СДСМ мора да бидат поразени, за државата да тргене напред, се вели во соопштениеро.