Хрватскиот молекуларен биолог проф. д-р Иван Џикиќ, како што пренесе ТВ Сител, вели дека Македонија ја чека тешка и неизвесна зима со полни болници и голема смртност ако вакцинацијата остане на сегашниот процент.

Според Џикиќ, проблемот во Македонија е на долг рок и сѐ додека не го поминеме прагот од 60-70 проценти вакцинирани, како што вели, ќе биде тешко затоа што засега вакцинираноста е само 37 отсто од населението.

– Сѐ додека не го постигнете потребниот процент Македонија ќе биде земја во која ризикот за бројот на починати ќе биде многу висок. Ако сте под 50 проценти тоа е алармантно и треба да се испрати порака до владата дека не смее да се дозволи да остане оваа состојба бидејќи во зима ќе имате не 7.000, туку веројатно уште неколку илјади, вели проф. д-р Џикиќ.

За слабиот процент на вакцинација во голем број земји меѓу кои и Македонија, Џикиќ проблемот го гледа во власта и институциите на државата.