Секогаш сум велел и пишувал дека не ги мразам нациите, туку ги осудувам нивните владетели и нивниот однос кон соседите. Останувам на тоа и денес.

Го презирам односот на грчките и бугарските власти кон Македонија и воопшто не ги симпатизирам албанските територијални и други претензии кон земјата што ја сакам и почитувам.

Секогаш си го поставувам прашањето зошто Македонија е толку виновна, што сите ја присвојуваат, ја загрозуваат, ја уценуваат, ја притискаат, само со една тенденција – да ги избришат како народ кој живее на својата географска територија.

Не и’ верувам на Европската Унија само поради една единствена причина, бидејќи тие не го знаат континуитетот на развојот на македонската национална мисла низ вековите и немаат поим за тоа. Ги разбирам американските владетели, Македонија е уште една во низата сфери на интерес и треба да се зачува, но како?

Овде познатата американска демократија пропадна, интересите се над се’, но до кога? Не може вака постојано, ниту американските амбасадори можат да владеат со Македонија.

Клучната грешка на Македонскиот народ е неговата поделеност, впрочем тоа убаво го разработила професорката Улчар.

Македонија е богата земја, земја на пристојни и учтиви луѓе, кои страдаат долго време, уште од турско време. Зарем не е време целосно да се прифатат одлуките на АСНОМ, да се стави точка на македонскиот идентитет и да се признае нивниот литературен јазик, на кој беа напишани илјадници научни и уметнички текстови?

Зарем не е време бугарската влада да се повлече и да си ги гледа своите работи, наместо да ја присвојува Македонија, без никаква научна основа? Зарем не е време грчката влада да го признае македонското национално малцинство во Грција и да се посвети на себе и на своите проблеми?

На ридскиот, опасен и запаллив Балкан, Република Македонија повторно стрчи како проблем, а не гледам зошто? Повторно европската дипломатија се занимава со Македонија, како во турско време, и повторно

Македонија ќе го плати данокот, без никаква потреба.

Како долгогодишен познавач на македонските прилики, особено литературата и јазикот, и како надворешен член на МАНУ, повторно го кревам мојот слаб глас – оставете ја Македонија на мира!. А, мојата порака до Македонките и Македонците е: Збијте ги вашите редови и бидете единствени! И покрај се’, ослободете се од сите пропаднати политичари и докажете дека сте народ со ум и срце!