Брзото ширење на омикрон ќе доведе до крај на пандемијата во рок од шест месеци, а 99 отсто од заразените ќе го поминат полесно вели микробиологот проф. д-р Никола Пановски во гостувањето во ТВ Алфа во емисијата „Што не е јасно“.

Пановски смета дека по омикрон нема да се појави друг сој што ќе се шири со ваква брзина.

-Многу повеќе луѓе ќе бидат во контакт со него и за 6 месеци омикрон ќе го сврти целиот свет. Не верувам дека повторно ќе има сој кој ќе биде со ваква голема брзина. Исто така сметам дека 99 отсто од пациентите ќе го поминат полесно. Останува енигмата само колку ќе биде вирулентен, вели Пановски.

Оптимистички најави за омикрон и од водечкиот британски имунолог, Џон Бел.

– Омикрон не е истата болест што ја имавме пред една година, а високата стапка на смртност од Ковид-19 во Обединетото Кралство е минато, истакна водечкиот британски имунолог, Џон Бел во разговор за Би-Би-Си.

Бел, професор по медицина на Оксфорд и еден од научните советници на британската влада, вели дека, и покрај растот на хоспитализациите во последните недели поради ширењето на омикрон меѓу популацијата, „изгледа дека болеста е помалку опасна, а пациентите во болница минуваат релативно пократко време”.

– Помалку пациенти завршуваат на кислородна поддршка, а просечното време што го минуваат во болница паднало на три дена, додал Бел.