Под мотото „Храната е движење“ на 18 и 19 октомври во хотел „Александар палас“, Скопје ќе се одржи првиот „Слоу фуд салон“.

Храната е енергија која секојдневно му е потребна на нашето тело. Таа е уживање на трпезата, култура што ги зближува луѓето. Во ерата на глобалната трговија храната е брутално сведена на ниво на стока за економска размена и е моќно оружје во рацете на големите индустрии.

Системот на храната денес станува значајно еколошко прашање за дискусија и акција. Храната е генератор на одржливиот развој на регионите и проверен извор на благосостојбата на производителите. Храната поттикнува промени во свеста кај консументите.

Целта на настанот е да ги промовира малите производители на висококвалитетни производи кои треба да ја валоризираат вредноста преку своето знаење и труд. Истовремено да ги едуцира консументите да избираат квалитетна храна и да ја поддржуваат локалната економија и заштитата на животната средина.  Преку настанот сите заедно да дадеме поттик за креирање на позитивна клима за опстојување и развој на малите производства и збогатување на понудата на производи на пазарот.

Повеќе од 100 производители ќе ги изложат своите автентични и висококвалитетни производи и ќе ги раскажат своите приказни на посетителите кои ќе имаат можност да се информираат, едуцираат и дегустираат од прва рака. Производителите ќе се презентираат поделени во неколку секции: традиционална и органска храна, мали винарии, занаетчиски производители на пиво и даватели на туристички услуги.

Салонот ќе понуди вкусови кои Слоу Фуд Македонија ги заштитува, поддржува и промовира повеќе од 10 години преку својата мрежа.

Слоу Фуд обединува членови, активисти, производители, експерти, готвачи, новинари околу филозофијата „Добра, чиста и правична храна, за сите!“

Салонот ќе биде отворен за јавноста во петок 18 октомври од 14-20 часот и сабота 19 октомври 12-20 часот.