Најпопуларниот македонски писател кој пишува за млади читатели, Горјан Петревски, на 27 овој месец ќе претстави две свои книги во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.

Книгите се преведени од македонски на бугарски јазик, а станува збор за најуспешни романи „Марта“ (издание на „Изида“, превод Маријан Петров) и „Сама“ (издание на „Книги за сите“). Овие две книги се влезени во учебната програма на средношколците во Република Македонија. Издавани се многукратно, при што само „Марта“ има досега 21 изданија, кои ја прават една од најпродаваните книги во земјата.

Допадлив и за младите, и за возрасните читатели, Горјан Петревски е писател кој добро знае како да ги одгатне тајните на тинејџерите и како да раскаже за нивните кревки чувства, како и да ја врати младоста кај оние кои веќе припаѓаат кон светот на возрасните.

Затоа со неговите романи „Марта“ и „Сама“ растат неколку поколенија македонски читатели. Тие се прекрасен пример за тоа дека и изучаваните книги во средните училишта може да се читани со страст и задоволство. Толку интересни и возбудливи се, што во различни моменти од животот читателот им се враќа повторно и ги препрочитува, зашто имаат оставено трага во неговото срце.

На прво место, тоа кое ги примамува читателите на Горјан Петревски, е интересното сиже во кое важно место заземаат загатки, кои го држат вниманието на читателот.

Како што соопштуваат од КИЦ во Софија, местата за настанот што почнува во 18 часот на 27 октомври, се со ограничен број и право на присуство ќе имаат само оние кои претходно се запишале. Предност за присуство ќе имаат оние кои поседуваат сертификати за вакцинација или за поминат Ковид-19.

Поставените услови се со цел почитување на мерките за справување со пандемијата. Може да се користи телефонскиот број на КИЦ во Софија и претходно да се запишете за присуство на настанот: + 359 2 946 1492. Тоа можете да го направите до 27 октомври од 8:30 до 16:30 часот.