Првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков (51) и неговиот син Адам (20) ги загубија животите во тешка сообраќајна несреќа. Сопругата на Ристе и мајка на Адам преку социјалните мрежи се прости од своите најблиски.

Не постојат зборови со кои може да се опише празнината во срцата на семејствата кои останаа без своите најмили. Скршена од болка и тага сопруга на Ристе и мајка на Адам се огласи на социјалните мрежи со потресни пораки.

-Ах, Адам мој! Прва радост моја!Душава ми ја изгоре, срцето ми го распарчи! Си замина без поздрав, без да те прегрнам и помирисам за последен пат. Ме научи многу работи, но не ме научи како да живеам без тебе, без твојата најубава насмевка, без твојот глас. Збогум чедо мајкино, не си сам, со тебе се тато, Петар и Марко. Ќе биде многу тешко без тебе. Збогум најмил мој!, стои во објавата на Христина за синот Адам.

-Збогум љубов моја! Збогум кралу мој! Збогум мој NABUCCO! Денешното испраќање до твоето вечно почивалиште беше токму како сцена од “Nabucco”- силна грмотевица и гром го погоди мојот Набуко но овој пат засекогаш. Денеска и небото плачеше со нас за тебе и за нашиот принц Адам. Чувај го таму горе како што го чуваше овде на земјата, а јас ти ветувам дека душата ќе ја дадам за да ја пораснам и изведам на прав пат нашата малечка Марија. ЗБОГУМ ЉУБОВ МОЈА, напиша сопругата на баритонот Ристе Велков.

Во несреќата животите ги загубија и двајцата другари на Адам, Петар Миланов и Марко Ѓорѓиевски, сите тројца на возраст од 20 години.