Откако СДСМ е на власт не поминува месец без вооружена престрелка на улиците на Скопје каде на фреквентни локации вооружени банди се пресметуваат, инцидентите завршуваат најчесто со жртви, а жртва може да биде секој еден граѓанин – случаен минувач, соопшти денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Оливер Спасовски не презема ништо во насока на одржување на јавниот ред и мир. Откако тој управува со МВР има десетици нерасчистени убиства, а убијците се шетаат слободно. Се пука по улиците, а истовремено неказнето завршуваат стотици грабежи и опожарувања на автомобили. Наместо решавање на вистинските проблеми Спасовски се фокусираше на делење сомнителни милионски бизниси, лиценци за центрите за возачки испити на фирми формирани неколку дена пред да се распише огласот и целосна партизација на МВР, се вели во соопштението.
Граѓаните сакаат ред и поредок, се додава натаму во реакцијата, сакаат безбедност за нив и за нивните деца, родители, браќа и сестри и комшии.
– Наместо тоа добија насилтсво, тепање и политички прогон. Криминалот на луѓето од власта останува нечепнат, криминалци се пуштаат на слобода додека патриоти се затвораат. Незаконски се вршат претреси по домовите и се малтретираат луѓе кои протестираат. Спасовски е најнеспособниот министер за внатрешни работи. ВМРО-ДПМНЕ бара оставка поради неговото црно владеење со министерството, прогонот, неказнетиот криминал и растечката корупција! ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите незадоволни граѓани кои се против оваа однародена власт да се приклучат на протестниот марш денес во Прилеп со почеток 13 часот, се вели во соопштението.