И покрај студното време и снегот и денеска голем број граѓани излегоа на протест пред Собранието на Република Македонија против уставните измени.
Тие протестираат за одбрана на македонското име, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ и против, како што наведуваат, најголемото национално предавство.
На протестот учествуваат членови на повеќе граѓански здруженија, како и граѓани кои се самоорганизираат преку социјалните мрежи.
Улицата пред Собранието е целосно блокирана, а се забележува и зголемено присуство на полицијата.
Македонското Собрание 75.седница на која треба да се расправа за уставните измени наместо во 13:00 часот денеска ќе ја продолжи во 15:00 часот.
На дневен ред се предлог-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и предлог-уставниот закон за прогласување на амандманите, што претствува трета и последна фаза од процесот на уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор.