Концертот на грчкиот музичар Танасис Папаконстантину во дворот пред Филозофскиот факултет на солунскиот Универзитет „Аристотел“, кусо по полноќ, поради солзавец и шок бомби беше прекинат, а инцидентите се префрлија на улиците во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Студентите и присутните на концертот, преку социјалните мрежи, тврдат дека полицајците, без причина, со солзавец го растуриле концертот, се создала паника и присутните барале начин да се заштитат и да побегнат.
Од друга страна, полицијата соопшти дека била нападната со предмети и камења од маскирана гр упа и затоа реагирала, но на растојание од просторот каде што бил концертот.
По прекинот на концертот, доцна во ноќта студентите одржаа протест на улиците во Солун, кои завршија со инциденти.
Според полицијата, во инцидентите биле приведени четири и уапсено едно лице, демонстрантите фрлале предмети и молотови коктели, а според објавените видеа, полицајците одговориле со солзавец и топови вода.
Во изминатиот период, одлуката на грчката Влада, универзитетската полиција да биде распределена во кампусите во Солун и Атина, предизвика тензии меѓу студентите и полицијата.
Студентите континуирано одржуваат протести во двата града, а неретко има и судири со полицијата.