Стотици жители на Гренланд денеска излегоа на масовни протести пред новоотворениот американски конзулат во главниот град Нук изразувајќи незадоволство против амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп за зајакнување на влијанието врз овој остров, јави Би-би-си.
Протестот претставува кулминација на револтот по тридневната посета на Џеф Ландри, специјален пратеник на американскиот претседател за Гренланд, која е полуавтономна територија под суверенитет на Данска. Организаторот на протестите, Акалуклулук Фонтејн, изјави дека локалната влада веќе му порачала на Вашингтон дека Гренланд не е на продажба и дека во демократскиот свет „не значи не“.
Локалното население изрази загриженост од притисоците нарекувајќи ја новата повеќекатна зграда на конзулатот од 3.000 квадратни метри со името „Кулите на Трамп“.
Гренландските политичари и членовите на владата, предводени од премиерот Јенс-Фредерик Нилсен, во знак на бојкот не присуствуваа на официјалното отворање на американската дипломатска мисија. Одбивање на поканата потврди и Нааја Натаниелсен, една од двете гренландски пратенички во данскиот парламент, со цел да се испрати јасен политички сигнал до Вашингтон.
Ландри, кој е гувернер на Луизијана и близок сојузник на Трамп, предизвика контроверзии со своето пристигнување без официјална покана додека траат деликатни преговори во рамките на заедничката „работна група“.
Вашингтон инсистира на зголемување на своето воено присуство на островот барајќи неограничен престој за своите трупи и право на вето врз големи странски инвестиции за да се спречи влијанието на Кина и Русија. Американската војска веќе ги разгледува плановите за подобрување на инфраструктурата во постојната вселенска база Питуфик, како и потенцијално отворање нови воени локации во Нарсарсуак и Кангерлусуак.




