Протестите во 25 градови организирани за да се „покаже грчкоста на Македонија“ завршија вечерва без инциденти и со мала посетеност на демонстранти, јавија грчките медиуми.
Најголем бил протестот во родното место на Александар Македонски, Пела (Постол), каде околу статуата на Александар се собрале околу 3.000 лица. На другите собири имало многу помалку учесници.
Полицијата не им дозволила на тројца македонски ТВ новинари да ги покриваат протестите наведувајќи страхувања за нивната безбедност.
Претходно, македонското МНР упати предупредување до македонските граѓани кои престојуваат во Грција да избегнуваат места каде има собри заради личната безбедност.
Меѓу граѓаните беа и лидерот на грчката партија Сојуз на централисти, Василис Левендис и префектот на областа централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, јави МИА од Атина.
Демонстрациите низ цела Грција, беа во мирна атмосфера, со исклучок на островот Крит, каде што се случи мал инцидент меѓу група анархисти и полицијата, при што беше повреден еден полицаец.
Според локалните медиуми од островот, за време на собирот во градот Хања на Крит, на плоштадот се појавила група анархисти со плакат со антифашистички пораки, но и извикувајќи слогани против протестот. Малку недостигало да се случи инцидент, а по интервенцијата на полицијата со употреба на солзавец, анархистичката група се повлекла, а протестот продолжил.
Според критскиот портал Флешњуз, кусо подоцна, во обид да одземе ранец со палки од рацете на анархист, еден полицаец бил од зад грб нападнат со удари во глава, бил полесно повреден, а за инцидентот биле приведени најмалку две лица.