Владимир Путин изјави дека би сакал да го види Џо Бајден реизбран за втор мандат, во првите коментари на рускиот претседател за изборите во САД во ноември.

Говорејќи за руската државна телевизија, Путин рече дека сегашниот станар на Белата куќа е „поискусен“ и „попредвидлив“ од неговиот претходник Доналд Трамп.

На прашањето кој Русија би сакала да победи во веројатниот натпревар меѓу двајцата, Путин одговори:

„Бајден, тој е поискусен. Тој е предвидлив, тој е политичар од старата школа“.

Рускиот лидер ја отфрли загриженоста за возраста и менталната способност на 81-годишниот Бајден.

„Кога се сретнав со Бајден пред три години, вистина е, луѓето веќе зборуваа за неговите неспособности, но јас не забележав  ништо такво“, рече Путин.

Но, не пропушти да додаде: „Значи, тој ја удри главата во хеликоптерот кога излегуваше од него – но, кој од нас не ја удрил главата во нешто?“