Дополнителен развој на билатералната соработка во различни области, несомнено одговара на интересите на народите на Русија, Грција и цела Европа, пишува рускиот претседател Владимир Путин во честитката испратена до грчкиот државен врв по повод денот на независноста на Грција, според амбасадата на Русија во Атина.

Путин испратил телеграми со честитки до претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос и до грчкиот премиер, Алексис Ципрас, во кои и на грчкиот државен врв и на Грците им посакува среќа, просперитет и напредок, јави дописничката на МИА од Атина.

-Нашите земји долгогодишно се поврзуваат со силни врски на културната и духовната сличност, му напипшал Путин на Павлопулос, според грчката новинска агенција АНА-МПА која се повикува на извори од руската амбасада во Атина.

Според истите информации, во ист дух била и честитката до грчкиот премиер во која рускиот претседател напишал дека билатералните односи се темелат на долгогодишна традиција на пријателство, заемно почитување и духовно сродство.

-Спроведување на договореното во декември во Москва ќе придонесе за дополнителен развој на билатералната соработка , што несомнено одговара на интересите на народите на нашите земји и на Европа, му напишал Путин на Ципрас, пренесе АНА-МПА.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров испратил телеграма со честитка до неговиот грчки колега, Јоргос Катругалос во која споменал дека и од двете страни постои расположение за дополнително продлабочување на конструктивната соработка, а тоа било потврдено за време на разговорите во Москва во декември минатата година.