Официјална Москва соопшти дека граната истрелана од Украина уништила пограничен објект (стражарница) што го користела руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), во момент на загриженост на Западот за ескалација на борбите во источна Украина.

„На 21 февруари, во 9:50 часот (06:50 ГМТ), проектил испукан од Украина целосно уништи граничен објект што го користеше граничната служба ФСБ во Ростовската област на околу 150 метри од руско-украинската граница“, се вели во соопштението на ФСБ.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го свика Националниот совет за безбедност, поради загриженоста за кризата во Украина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков ја оцени ситуацијата во зоната на конфликтот како исклучително тензична.

– Досега не гледаме знаци за смирување на тензиите, истакна портпаролот на Кремљ.

Меѓународните набљудувачи неодамна соопштија за масовно зголемување на прекршувањата на прекинот на огнот.