Рускиот и францускиот претседател, Владимир Путин и Емануел Макрон, во синоќешниот телефонски разговор се согласија дека е потребно да се засилат напорите на сите страни вклучени во нуклеарниот договор со Иран за да се одржи договорот во сила, соопшти Кремљ.

Тие, исто така, размениле информации за чекорите на Русија и Франција по тоа прашање.

Иран, пред два дена, објави дека не може само тие да го почитуваат нуклеарниот договор во 2015 година склучен со светските сили и ги предупреди другите потписници дека „отчукува часовникот“ за спас на договорот. Портпаролот на иранската Организација за атомска енергија Бехруз Камалвани на прес-конференција во Техеран изјави дека Иран има капацитет да го зголеми збогатувањето на ураниум над 20 проценти, иако засега нема такви планови.

Франција, Германија, Велика Британија и Иран последните неколку дена расправаат за тоа како да се спаси меѓународниот договор склучен во Виена во 2015 кој е доведен во прашање откако САД еднострано се повлекоа во мај минатата година.