Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави во Белград дека Русија е заинтересирана Балканот да остане стабилен и безбеден.

Тој нагласи дека Русија поддржува прифатливо решение за Косово врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

– Русија како и Србија е заинтересирана Балканот да остане стабилен и безбеден. Рускиот став за Косово е познат, се залагаме за постигнување прифатливо решение врз основа на Резолуцијата 1244, изјави Путин на заедничка прес конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој додаде дека Москва дели загриженост на српското раководство во врска со Косово бидејќи чекорите на Приштина во последно време може да предизвикаат дестабилизација на Балканот.

Путин изрази очекување дека до крајот на годината ќе се потпише договор меѓу Србија и Евроазиската унија.

Двете држави денеска потпишаа голем број договори и меморандуми.

Вучиќ нагласи дека е задоволен од бројот на договори потпишани меѓу Србија и Русија и напредокот во соработката во сите области. Тој посебно истакна значење на соработката во енергетиката но најави и во иднина покренување заеднички инфраструктурни проекти.

Путин додаде дека очекува зголемување на количината на природен гас за Србија од три на 3,5 милијарди кубни.

Путин претходно на Вучиќ му врачи Орден Александар Невски.

По завршување на билатералните разговори и прес конференцијата на рускиот претседател Владимир Путин со неговиот домаќин Вучиќ во Белград, главна тема на нивната средба беше косовското прашање и енергетиката, поточно гасното поврзување на Србија со Турски тек.

Рускиот претседател изјави дека Русија е подготвена да вложи неопходни ресурси во развојот на гасната инфарструктура во Србија или една милијарда и 400 милиони долари, но поврзувањето на Србија со Турски тек, како што кажа Путин, „ќе зависи пред се од одлуката на ЕУ.“

– Јужен тек пропадна не по наша вина. Бугарија искажува заинтересираност за поврзување со Турски тек, кој би одел кон Србија… Ние сме подготвени за ова, за инвестирање и веќе преземавме подготвителни работи. Но, од нас малку што зависи, изјави Путин, додавајќи дека и Турција е заинтересирана за ова прашање.

Во врска со можното посредување на Русија во косовскиот дијалог, Путин изјави дека Русија секогаш активно учествувала во решавањето на ова прашање. Тој посочи дека околу Косово се крши меѓународното право, споменувајќи го како пример формирањето на косовската војска, чин кој е опасен и неправеден.

– Ние ќе работиме со нашите партнери, меѓународното право да биде испочитувано и да се дојде до праведно решение за Косово. Ние внимателно следиме се она што се случува на Косово, изјави Путин.

Тој оцени дека Москва не е посредник во косовскиот дијалог, туку Брисел и ЕУ, „но за жал малку работи се исполнија од досега договореното, како на пример формирањето на ЗСО“.

Српскиот претседател кој од Путин беше одликуван со орденот „Св. Александар Невски“ го истакна големото пријателство со Путин и руската поддршка за косовското прашање, енергетиката и економијата.

– Го информирав Путин за формирањето на косовската војска спротивно на резолуцијата 1224 и по ова прашање добивме подршка од рускиот претседател. Јас му кажав дека Србија е подготвена за разговори, за компромиси, но Србија не може да се согласи на понижување. Се плашам дека некои луѓе не се подготвени на компромиси, но ние и понатаму ќе истраеме и тоа му го кажав и на Путин, изјави Вучиќ.

На средбата во Белград, Русија и Србија потпишаа 21 договор, од кои единствениот комерцијален договор е за Српските железници, за проекти вредни 230 милиони евра за изградба на диспечерски центар, електрификација на делницата Стара Пазова – Нови Сад и изработка на проект за изградба на делницата од Ваљево до црногорската граница.

Рускиот претседател својата еднодневна посета на Белград ја завршува пред храмот на Св. Сава, каде според српските медиуми има околу 80.000 негови подржувачи и следбеници на српскиот претседател Вучиќ.