Бугарија ѝ даде букви и писменост на Европа уште пред 12 век, а благодарение на старобугарската книжевност која никна во Преслав и во Охрид, Бугарија стана втор центар на цивилизацијата после Византија.

Тоа го кажаа претседателот на Бугарија Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова кои учествуваа на Меѓународниот форум за кирилицата на тема „И ние сме му дале нешто на светот“.

Форумот, како шѓто објави БГНЕС, а пренесе Слободен печат, е во организација токму на Јотова која порача дека претседателската институција оддава признание на научните откритија на бугарските интелектуалци и нивната упорност во барањето на вистината за богатата бугарска култура.

– Недозволиво е денеска историјата да се менува и преиначува во корист на геополитички интереси, вели Јотова.

Според неа, опасна е тенденцијата бугарскиот јазик да се изместува со факти кои немаат ништо заедничко со науката. Кирилицата, вели, е амблем на православието, а освен тоа, „го докажува бугарскиот придонес и во Европа и во Северна Азија“. На Форумот, како што најави Јотова, треба да бидат разгледани перспективите на кирилицата во новата дигитална ера.

Радев, пак, кажа дека не може да се говори за кирилицата без да се спомене придонесот на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици.

– Претворајќи се во наш најскапоцен дар за човечката цивилизација, кирилицата гради мостови, изјави радев, додавајќи дека таа продолжува да им служи на десетици националности низ светот.

Епископот Полиакрп, од името на бугарскиот патријарх и софиски митрополит Неофит порача дека денес има потреба од чувари на делото на светите браќа Кирил и Методиј, како и на нивните ученици, бидејќи Бугарите се наследници на достојните предци.