Претседателот на Бугарија Румен Радев во Претседателството примил, како што е соопштено, „делегација на бугарската заедница во РС Македонија“, составена од претставници на политичката партија Граѓанско-демократска унија, здруженијата Центар за култура „Иван Михаилов“ од Битола, „Трибина“ од Прилеп, Македонска – бугарско пријателство од Скопје, „Коридор 8“ – Скопје, „Интеракција“ – Охрид и „Единство“ од  Кочани.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ова е „прва средба на бугарски претседател со претставници на Бугари од С. Македонија“.

– Бугарија стои цврсто зад македонските Бугари, рече Радев, додавајќи дека овој став веќе го искажал пред ЕУ и за време на неговите средби со францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.

Според Радев, без соработка со македонските Бугари, Софија не може соодветно да ги заштити нивните права.

Тој потсети дека во Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Република Македонија стои дека „Бугарија има право да ги брани правата на македонските Бугари“.

Радев го поддржа и „повикот на дел од организациите на македонските Бугари, упатен на 12 октомври до политичките партии и институции во Бугарија“.

-Треба да биде јасно дека покрај заштитата на вашите права, имаме и поширок интерес за РС Македонија, но во секој случај вашиот интерес ќе биде на прво место. Тоа многу зависи од вашето единство, продолжи Радев, и додаде дека Бугарија е во процес на формулирање на нова политика.

Радев оцени дека „бугарските граѓани се граѓани на ЕУ, па нивната дискриминација е дискриминација на европејци“. Тој исто така истакна дека заедничка задача е, како што вели, да се запре „дебугаризацијата во РС Македонија и да се зачува историското и културното наследство“.

– Прекршувањето на овие права е причина да се одложи почетокот на преговорите меѓу РС Македонија и ЕУ, без разлика на цената што Софија ја плаќа. Бугарија непоколебливо ќе оди по овој пат, категоричен е Радев.