Добрососедските односи меѓу Бугарија и РС Македонија ќе бидат стабилни и неповратни кога историската вистина ќе нѐ обедини, напиша бугарскиот претседател Румен Радев на својата страница на Фејсбук, каде објави дека на 4 мај ќе се одбележи годишнина од смртта на Гоце Делчев во Софија.

– На 4 мај славиме 119 години од смртта на Гоце Делчев. Националната конференција во негов спомен е израз на нашата длабока почит кон животот и делото на овој голем апостол на слободата на македонските Бугари, пишува Радев.

Националната конференција „Европска перспектива за добрососедски односи меѓу Република Бугарија и РС Македонија“ ќе се одржи на 4 мај во Националната палата на културата во Софија.

Конференцијата е во организација на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките и Македонскиот научен институт и е под покровителство на бугарскиот претседател.