Вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е предуслов за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, но не е единствениот, порача претседателот на Бугарија, Румен Радев на средбата со Мануел Сарацин, специјалниот претставник на Германија за земјите на Западен Балкан.

Како што се наведува во соопштението од кабинетот на бугарскиот шеф на државата, тој потсетил дека составен дел од европската одлука донесена во јули минатата година за Процесот на интеграција на Македонија во ЕУ беше имплементација на договорите во билатералните протоколи од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

Радев посочил и дека во интерес на двете држави е што поскоро да се постигне вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија, со цел да се направат сериозни напори во делот на говор на омраза во земјата против Бугарија и бугарскиот народ, како и содржината во учебниците, медиумите, државните и научни институции.

– За жал, говорот на омраза во С. Македонија е зголемен, видовме физичко насилство врз граѓани со бугарски идентитет, пукање и палење на бугарски културни клубови, а нема ефективни казни за сторителите, истакнал тој.

За време на средбата со Сарацин, шефот на Бугарија порачал дека за да биде одржлива европската интеграција на Македонија, таа треба да се заснова на исполнување критериуми за членството во Унијата.

– Тоа веќе не се отворени прашања за двете земји, туку прашања поврзани со односите на Скопје со ЕУ, порачал Радев.

Според Радев, македонските власти изминатата година не покажале вистинска политичка волја за исполнување на критериумите, освен активната политика на инсистирање на европските земји, политичари и институции за забрзан пристап на земјата во ЕУ.