Американската државна радио станица Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РФЕ/РЛ) најави дека ќе ги обнови своите програми на бугарски и на романски јазик, кои беа укинати во 2004 односно 2008 година, всушност по приемот на овие земји во НАТО.

Според соопштението од РФЕ/РЛ, повторното воведување на овие две програми е со цел да „се подобри медиумската сцена“ во овие две земји.

– Се надеваме дека нашите репортажи, изработени од локални новинари, ќе помогнат за развој на слободата на медиумите и ќе дадат придонес за подобрување на демократските вредности и институции, како и за водење на информирана дебата за улогата на овие две држави во НАТО, Европската унија и во други западни организации, изјави Томас Кент, претседателот на РФЕ/РЛ.

Во соопштението понатаму се наведува дека претставници на невладините организации од Бугарија и во Романија предупредувале на ширењето на лажни вести, корупцијата и општествените поделби во земјите.