Израелски цивил загина од ракета истрелана од Газа, а двајца палестински борци загинаа во израелски воздушен напад во третиот ден од прекуграничната размена на оган.

На југот на Израел, близу Газа, во повеќе наврати се огласуваа сирените за воздушна тревога и Израелците цела ноќ трчаа кон засолништата додека пресретнувачки ракети ги гаѓаа проектилите на небото. Израелската полиција соопшти дека еден од проектилите истрелан од Газа погодил куќа во градот Ашкелон и убил еден маж.

И Палестинците се криеја во засолништа од израелското бомбардирање на Газа. Палестинскиот „Исламски џихад“ соопшти дека двајца нивни припадници се убиени во изрелскиот напад изведен пред изгрејсонце.

Турција ја повикува меѓународната заедница да реагира на „несразмерните акции“ на Израел во Газа, соопшти турското Министерство за надворешни работи, откако во израелските воздушни напади беше погодена зградата во која се наоѓа турската новинска агенција „Анадолија“.

„Остро ги осудуваме неселективните напади на Израел во Газа, поради кои многу невини луѓе ги изгубија животите или се повредени, а цел на напад беше и зградата на агенцијата Анадолија“, се наведува во соопштението на турското МНР.

Посредници од ОН и Египет, кои се заслужни за претходните примирја во минатите бранови насилство, работат на спречување на натамошни непријателства, пренесува Хина.

Последниот бран насилство изби во петокот, кога снајперист од палестинскиот „Исламски џихад“ пукаше кон израелската војска и притоа се ранети двајца војници, тврди Израел. На тоа, израелската војска одговори со воздушен напад, во кој се убиени двајца милитанти од „Хамас“, под чија контрола е Газа.

Палестинските власти тврдат дека во петокот се убиени и двајца Палестинци, кои протестирале во близина на границата.

Хамас и Исламски џихад во последните три дена истрелаа повеќе од 400 ракети кон израеслките села и градови, соопшти војската. Израел одговори со тенковски гранати и воздушни напади на околу 200 цели во Газа.