Македонската ракометна репрезентација до 18 години направи успех и со тешка победа над Швајцарија (24-22) го освои ЕХФ Шампионатот кој се играше во Рига, Летонија. Нашите ракометни надежи имаа перфектна групна фаза со три победи на три меча, а успешно си ги решија задачите и во нокаут-рундата и обезбедија место на следните ЕП 2024 за младинци и СП 2023 за кадети.

Нашите ракометари стартуваа во егал со противникот од Швајцарија. Петковски и Калајџиевски беа главни во составот на Македонија, ги постигнаа првите четири гола (4-4), а истата игра гол за гол продолжи и во следниот период, се до 6-6, кога избраниците на Раде Стојановиќ врзаа три погодока во низа преку Димковски, Николоски и Калајџиески, за прва поосетна предност (9-6). Потоа Македонија водеше и со 10-7 кога се играше 25. минута, меѓутоа следеше период од црни 60 секунди во кои се примија три гола во серија и се израмни на 10-10.

Следеше успорување на играта на Македонија, која резултираше со далеку подобра одбрана и фокус, како и расположен голман во името на Давид Брестовац. Три гола во серија, два на Димковски и Белистојаноски, на паузата донесоа 13-10. Потоа се водеше и со највисоки 14-10, но само еден постигнат гол во десет минути резултираше со ново израмнување (14-14). Кризата Македонија ја прекина од пенал по дисквалификација на Галовиќ, стрелаше Калајџиески (15-14) и во следниот период се врати онаа препознатлива игра како за финале, гол за гол.

Во 45. минута Швајцарија со голот на Сигрист дојде до предност на мечот, вторпат по онаа на стартот (17-18). Изедначената игра продолжи и понатаму, Петковски имаше симултанка за Македонија и ја чуваше во игра (20-20). Од 16-16 па натаму, сите голови беа дело на крилото. Швајцарија дојде до два гола предност кога Стенартс врза два гола, а Узунчев промаши напад (20-22), меѓутоа нашите надежи вратија во иста мера и преку Шулески и Димковски дојдоа на 22-22 на четири минути до крајот. Следеше промашување на Волфисберг и нов гол на Димковски (23-22), а Швајцарците напаѓаа до 58:50 и повикаа тајм-аут. Сепак, ни подарија топка која ја фрлија во аут, а титулата ја потврди Карасманакис.

Најдобар кај Македонија беше Томислав Димковски со седум гола, пред Александар Петковски со шест, додека Мирче Калајџиески даде четири гола. Славчо Шулески заврши со два, пред Тодор Узунчев, Ненад Белистојаноски, Антонио Николоски и Валентин Карасманакис кои дадоа по еден. Кај Швајцарија, Гино Стенартс беше најдобар со 11 гола.

Извор: Гол